Филмот „Светлосна резонанца“ е документарен филм заснован на биографските податоци за Светозар Јаневски – Зоки.
Светозар Јаневски-Зоки е еден од петте најдобри актуелни МАЈСТОРИ за производство на виолина на светско рамниште. Признат во интернационалните релевантни кругови и наградуван на „Гранд при“ за производство на виолини кои даваат најдобар звучен квалитет. Тој е добитник на „Град при“ награда во САД, две години по ред за инструмент кој произведува најдобар звук, а виолините што ги изработува се купени на тендер од страна на „Музичката академија“ во Италија.
Свето е еден од ретките занаетчии кој живее од својот занает и заработува од својот талент. Денеска виолините што ги произведува Светозар, ги користат врвни виолинисти, но и оркестри.
Зошто е Светозар Јаневски – Зоки важна личност и инспирација за снимање на документарен – биографски филм?
Тој е еден од ретките светски признати и истакнати дејци во својата област, кој не е видлив за секојдневниот човек. Но и покрај заслугите што ги има овој македонски занаетчија во светски рамки, тоа никогаш не му било мотив да го напушти своето опкружување и средина од каде црпи голема инспирација.
Неговиот семеен дом се наоѓа во Велес. Куќата во која Светозар живее е вистински жив музеј. Освен што е една од најстарите куќи во Велес (според архитектонските карактеристики), таа е прилагодена за работилница и галерија.
Практично целиот сутерен од семејниот дом е претворен во простор каде што се наоѓаат алатите за изработка на виолините – работилница, додека другата половина е галерија во која се изложени слики со авторски потпис на Светозар.
Филмот „ Светлосна резонанца“ освен што го прикажува просторот во кој Светозар работи и твори, ги прикажува и природните места од каде овој светски прочуен изработувач на виолини ја црпе својата инспирација.
Покрај работилницата и галеријата, едно од местата на кое Светозар поминува најмногу време е пештерата „Пешти“ во близина на Велес, во непосредна близина на реката Бабуна. Содржината на филмот се снимки од ликот на пештерата, но и од вообичаените активности на Светозар Јаневски во текот на неговиот долг престој во пештерата. Тој најчесто практикува медитација или задлабочено гледање во природата преку трансценденција на своите мисли кои често се запишувани на хартија, а понекогаш и иманентно согледување на надворешните појави кои создаваат инспирација.
Токму поради пештерата како важен сегмент од творештвото на Светозар Јаневски – Зоки, овој документарен филм го доби насловот „Светлосна резонанца“.
Пештерата е симбол на многу дела, познати во историјата на човечката мисла и постојат алегории кои се врзуваат токму со пештерата. Така на пример Платон во делото „Држава“ зборува за митот за пештерата преку кој го објаснува магичниот круг на незнаење и привид во кој се наоѓа човештвото. Платон вели дека е доволно луѓето да се свртат кон Сонцето, изворот на светлината, кој влегува во пештерата кон чии ѕидови се свртени луѓето, а од чии тела се рефлектира светлината, оставајќи сенки на ѕидовите кон кои луѓето се упатени. Со едно свртување кон отворот на пештерата, тие веќе нема да ги гледаат сопствените сенки, туку ќе ја видат вистината.
Пештерата е место на живеење и на примордијалниот човек. Да се сетиме само дека најстарите цивилизациски докази се забележани на пештерата Алтамира. Пештерите се места и во кои многу испосници, христијански маченици ги поминувале своите животи, упатувајќи се на аскетизам или трагајќи се од репресивните механизми на световната власт.
Пештерата „Пешти“ на реката Бабуна, освен што е природно обележје на Македонија, кое е малку познато, тоа игра голема улога во разјаснување на животот и делото на Светозар Јаневски.
Името „Светлосна резонанца“ упатува на Сонцето како извор на светлина, просветлување, знаење и вистина, што се темелот на уметничкото творештво како разјаснување на некоја мистерија и артикулирање на несвесните содржини. Резонанца е термин кој упатува на производство на звук како резултат на свесното дејство на уметникот при употреба на звучен инструмент.
Занимливости од животот на Светозар Јаневски
Главниот јунак во филмот почнал да се занимава со дејноста во која се прославил релативно доцна. Имено, по вокација, тој е професор по ликовна уметност, кој долги години предавал теорија на уметност, а се занимавал и со сликарство.
Поради широкиот дијапазон на интереси и сфери на љубопитност, Светозар во младоста произвел жичан инструмент со полош квалитет, но веќе имал некое предзнаење за тоа што значи производство на инструмент.
Во еден период од животот тој се сретнува со желбата на своето дете да има виолина. Наместо да му ја купи, уметникот во него го сфатил ова барање како повик да ја изработи и со свои раце и авторски печат да му подари виолина на неговото дете кое желно ја посакувало.
По краток период на проучување на процесот на изработка на виолини, Свето го создал својот прв инструмент кој произведува звук. Поради релативната успешност во функционирањето на инструментот, одлучил да се пронајде токму во оваа дејност и да продолжи професионално да се занимава со производство на виолини.
Низ секојдневната работа, неговиот талент станувал се поизразен, а техниката на производство усовршена, до таа мерка што денеска е еден од најистакнатите произведувачи на виолини во светот.
Која е пораката на филмот?
Биографијата на најдобриот актуелен произведувач на виолини во светот е само начин да се прикаже патот на испливување на талентот.
Кога тој е присутен, може да се открие дури и во доцни години, но никогаш не може да остане нереализиран.
Секој талент го повикува неговиот носител да го оствари и тоа е една од животните мисии на секој човек.
Од друга страна, филмот има за цел да ги прикаже луѓето со големи заслуги во Македонија кои немаат вообичаено медиумски простор поради непривлечност на нивната дејност за најголем број на луѓе.