Нулта толеранција за насилството врз жените и семејното насилство за Министерството за труд и социјална политика е главен приоритет и оттука ова законско решение е темелот, основата во борбата против сите форми на насилство врз жената и семејството, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Овој Закон е важен дел од Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција, која нашата држава ја ратификуваше во декември 2017 година – рече министерката.
Таа изрази убеденост дека Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, во собраниската процедура ќе добие поддршка и од опозицијата, бидејќи насилството не познава партиска определеност, насилството не познава верска или етничка припадност, општествен или имотен статус.
Родово базираното насилство врз жените и семејното насилство можеби некаде е повидливо, а некаде затскриено, но тоа постои и затоа пред него не смееме ниту да молчиме, ниту да го игнорираме. Напротив, треба да ја подигнуваме свеста за негово препознавање и постапување – рече Шахпаска.