5 mins read

Заедно против онлајн насилството кон жените

Кампања против онлајн насилство врз жените #заедно #против # онлајн #насилството #врз #жените

Здружението на граѓани Диверзиум започнува кампања за заедничка, масовна борба против онлајн насилството кон жените која ќе трае до крајот на 2022 година. Кампањата има за цел да ги прикаже формите и аспектите на онлајн насилство на кое се изложени жените, особено жени со јавни професии, да ја поттикне свеста на јавноста за импликациите од онлајн насилството и да поттикне осуда кај луѓето кон агресорите.

Крајната цел на кампањата е поднесување на иницијатива до Собранието, каде што онлајн насилството ќе се третира како посебен тип на насилство во рамките на Кривичниот законик и ќе значи кривична одговорност за агресорите.

Зошто жените се во фокусот на оваа кампања?

Онлајн насилството, како и насилството воопшто не познава пол и род. Но, сведоци сме дека најголемите афери во македонската јавна сцена како „Јавна соба“ вклучуваа само жени жртви. Пандан на „Јавна соба“ со мажи жртви непостои. Сексизмот и онлајн нападите, особено кон жени со јавна професија се многу чести во претежно конзервативните средини, како што е македонската. Сметаме дека е крајно време да се активира алармот кај надлежните институции, да го третираат и казнуваат онлајн насилството и кај јавноста да се создаде нова култура на комуникација која ќе ги исклучи говорот на омраза, сексизмот и девалвирањето на поединците.

Според извештајот на Здружението на новинари на Македонија во последните пет години се намалени физичките напади кон новинарите/новинарките, но се зголемени онлајн нападите и заканите. Исто така, во заклучокот од публикацијата се потенцира дека:

Бројот на напади врз новинарки е поголем од нападите врз новинари мажи во последните две години. Сексистичкиот говор често се користи, давајќи им на овие напади дополнителна карактеристика со тоа што тие не само што се однесуваат на работата на новинарите, туку се чини дека се засновани на пол.

Жените кои се занимаваат со политика и другите јавни професии, како и новинарките, се чести жртви на онлајн нападите и заканите.

Демкоратизацијата на јавниот дискурс мора да подразбере и закајнување на демократската култура на комуникација во која туѓото мислење се почитува, а сопственото се изразува врз база на аргументи, или субјективни преференци при што ниту еден начин не се девалвира мислењето, ставот или вредносната оценка на опонентот.

Учесници во кампањата заедно против онлајн насилство врз жените

Учесници во кампањата може да бидат пред се жени кои биле жртви на онлајн насилството или непосредно се сретнале со него преку своето јавно дејствување. Учесничките во кампањата е потребно да испрат цитат во кој преку сопственото искуство и промислување ќе дадат дефиниција на онлајн насилството, ќе овозможат да се видат некои последици или ќе повикаат на осуда и казна за агресорите.

На пример: Виртуелното насилство остава реални повреди на психичкиот и професионалниот живот на жената.

На пример: Колку е поширок феноменот на виртуелното насилство, толку се поголеми шансите да те зафати и тебе. Не му давај поддршка на онлајн насилството.

На пример: Нов закон за спречување на онлајн насилството е неопходен доколку сакаме да изградиме демократска култура на јавна комуникација.

Покрај цитатите потребно е да го напишете вашето цело име и презиме, професија или поле на интерес и да ни испратите лична фотофрафија во дигитална форма.

Вашите цитати и дефиниции испратете ни ги на: redakcija.mojzbor@gmail.com или на diverzium@gmail.com најдоцна до 12 часот 01.08.2022 година.

На кој начин се спроведува кампањата?

Кампањата ќе се спроведе онлајн, со користење на социјалните мрежи и дигиталниот медиумски простор, но и ќе се користат градските билборди и јавните места каде што ќе се експонираат материјалите за кампањата.

Во текот на неколку месеци ќе се реализираат и изложби на материјалите од кампањата за заедничка борба против онлајн насилството врз жените.

*Секој може да биде жртва на онлајн насилство, биди солидарен!

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Latest from Blog